Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров загубија со 0:1 од Рига РФС во првиот натпревар од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на конференции.
На стадионот „Петар Милошевски“ во тренинг-комплексот на ФФМ, слабото прво полувреме се покажа клучно за поразот на Лавовите.
Во првиот дел, фудбалерите на освојувачот на Купот на Македонија, не упатија ниту еден шут кон голот на Рига ФС, додека естонскиот тим подобрата игра ја круниса со гол во 34-та минута.
Српскиот интернационалец Андреј Илиќ на асистенција на Куасидо, успеа да го совлада голманот на Христијан Стевковски. Во финишот од првиот дел, гостите можеа да постигнат уште еден гол, но ударот на Илиќ заврши во пречката од голот на Стевковски.
Во второто полувреме, Лавовите одиграа далеку подобро, но не успеаја да го совладаат Неругалс и во реваншот кој ќе се игра идниот четврток, ќе бркаат негатива од 0:1. Гостите во судиското продолжение имаа шанса да постигнат гол, но ударот на Куасидо заврши во пречката.
Македонија Ѓорче Петров од 2007 година е без победа во европски квалификации. Последниот триумф го остварија во Интертото Купот против Етникос Ахна (1:0,2:0) и оттогаш Лавовите одиграа девет натпревари со денешниот, и на само еден ремизираа, минатата година против ЦСКА Софија, токму на стадионот „Петар Милошевски“.