Љуботен и Саса поделија „четворки“, Тиверија броеше до 11

Трилингот екипи кои се во конкуренција за титулата во Првата женска фудбалска лига на Македонија забележаа сигурни и убедливи победи во 11-тото првенствено коло. Најубедлива беше струмичка Тиверија, која со 0-11 победи на гостувањето кај Речица. Бразилката Гоја, како и Панеска, постигнаа по три гола, Николовска погоди двапати, додека по еднаш во листата со стрелците се запишаа Недева, Јосифова и Илиева.

Актуелниот освојувач на двојната круна, Љуботен, успеа со 1-4 да слави во дербито на колото против Скопје. Головите за тетовки беа дело на Марковска, Валбуена, Видал и Мустафа, додека единствениот погодок за екипата на Скопје го постигна Трендова.

Четири гола постигнаа и фудбалерките на Каменица Саса, кои со 4-0 беа подобри од битолски Топ гол. Димитровска постигна хет-трик, додека еден беше дело на Андонова.

Најголемото изненадување го направи екипата на Атлеико, која во Битола славеше над Ас јунајтед од Струга со 2-1. Тасева и Велјановска погодија за битолска екипа, додека единствениот гол за Ас јунајтед беше дело на Максути.

На табелата во водство се Тиверија и Љуботен со по 28 бода, додека Каменица Саса има 24 на третата позиција.

- Оглас -

Најнови вести