Феникс санс лесно, дури со 30 поени разлика славеше над Лос Анџелес лејкерс (115:85) и поведе со 3:2 во победи во плејофот од НБА-лигата. Пред речиси 17.000 гледачи, Сонцата одиграа блескав меч и во ниту еден момент не им дозволија на гостите да се понадеваат дека може да направат изненадување.
Уште во првата четвртина Феникс стигна до двоцифрена предност 23:13, а по првите 12 минути имаше осум поени разлика во своја корист. Фуриозна беше втората четвртина за домаќините, па уште тогаш се знаеше кој ќе биде победник на овој натпревар. Со 32:10 домаќините го добија вториот квартал и на полувреме заминаа со огромна разлика од 66:36.
Лејкерси на овој меч беа без повредениот Ентони Дејвис, па Леброн Џејмс не можеше да им парира на разиграните домаќини. Џејмс заврши со 24 поени, но одигра само 31 минута затоа што беше јасно дека Лејкерс нема да има шанса да стигне до победа.
Леброн за првпат во кариерата се соочува со ситуација неговиот тим да биде во негатива од 3:2 во победи уште во првото коло од плејофот. Никогаш претходно во 15 години Леброн со неговиот тим не доживеал елиминација на стартот од разигрувањето за титулата, што значи дека за најдобриот играч на Лејкерс сега следува тешка мисија да се победи двапати по ред против Феникс, и тоа најверојатно повторно без Дејвис во составот на актуелниот НБА-првак.
Водство од 3:2 во победи има и Денвер против Портланд. Нагетс на свој терен победи со 147:140 во најинтересниот плејоф дуел сезонава. Мораа да се играат две продолженија за да се добие победникот, а на крајот Денвер предводен од феноменалниот Никола Јокиќ, стигна до победа.
Србинот мечот го заврши со 38 поени, 11 скока, девет асистенции и четири блокади. На спротивната страна Лилард беше феноменален со 55 поени и 10 асистенции, но потфрлија останатите играчи на Портланд, кој сега на свој терен ќе треба да брка победа за 3:3 во серијата.
38 PTS | 11 REB | 9 AST | 4 BLK
He does it all. #MileHighBasketball pic.twitter.com/6g73CPfNRO
— Denver Nuggets (@nuggets) June 2, 2021
Бруклин си обезбеди место во следната рунда од плејофот, откако без многу проблеми со 123:109 славеше против Бостон и стигна до 4:1 во победи. Пред крајот на првата четвртина, домаќините го презедоа водството и потоа до крајот на мечот не му дозволија на противникот да се понадева дека може да стигне до изненадување.