Луда завршница во Ла Лига: Алмерија се спаси на четири минути пред крајот, од елитата испадна тимот на Роналдо

Третата екипа која испадна од Ла Лига е Ваљадолид откако Алмерија со гол во 86-та минута се спаси од пораз во последното 38 коло.

Ваљадолид одигра без голови против Хетафе, додека Алмерија со гол постигнат во 86-та минута од пенал, се спаси од пораз и остана во Ла Лига. Во втората шпанска лига покрај Ваљадолид чиј сопственик е легендарниот Бразилец Роналдо, ќе играат и Еспањол и Елче.

Ваљадолид сезоната ја заврши со 40 бодови, додека Алмерија благодарение на ремито од 3:3 против Еспањол, има еден бод повеќе.

Алмерија поведе со голот на Туре во 10-та минута, а само три минути подоцна Пуадо израмни. На стартот од вториот дел, Еспањол поведе преку Пјер-Габриел, за Ембарба во 58-та минута да ја врати во живот Алмерија.

Но 17 минути пред крајот, Еспањол, кој од претходно беше испаднат од Ла Лига, постигна уште еден гол преку Колеошо. Во тие моменти, Алмерија беше со едната нога во Секунда, но во 86-та минута, судијата Градо досуди пенал. Ембарба беше сигурен реализатор и со голот ја остави Алмерија во Ла Лига.

Во вечерните термини, победа оствари и Селта и тоа од 2:1 над шампионот Барселона. Веига постигна два гола за Селта, додека новиот шампион го ублажи поразот преку Фати во 79-та минута.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести