Пари Сен Жермен е на само две победи од историска тројна круна. Светците ја обезбедија титулата во првенството, ќе играат во финалето на Купот на Франција, а се дел и од финалето во Лига на шампиони.
Токму затоа, неделниот меч на ПСЖ на гости кај Монпелје во првенството е речиси небитен. Монпелје е најслабиот тим во Лига 1 сезонава со само 16 бодови од 32 меча и сигурно ќе испадне од елитното друштво.
Од друга страна, ПСЖ има дури 78 бодови, а неделниот меч според тренерот Луис Енрике е во вистинско време за да се даде одмор на оние фудбалери кои се клучни сезонава.
„Имаме определено план кој го следиме од почетокот на сезоната. Го контролираме и времето кое играчите го поминуваат на теренот и колку патуваат. Треба да се направи баланс, за да останат во форма во пресрет на двете финалиња кои ни следуваат“, рече Енрике.
Шпанскиот стратег им даде пауза и тоа до следната среда на голманот Донарума, дефанзивците Хакими, Маркињос, Нуњо Мендеш, Вилијан Пачо, како и играчите за врска Фабијан Руис и Витиња.