Лука Модриќ ќе го надмине Пушкаш и ќе се запише во историјата на Реал Мадрид

Хрватскиот интернационалец Лука Модриќ e на прагот на уште едно импресивно достигнување во неговиот следен натпревар за Реал Мадрид. Најверојатно тоа ќе го стори денеска против Селта, или пак можеби на 22 октомври против Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите или наредната сабота во „Ел Класико“.

При своето следно појавување во игра за Кралскиот клуб, Модриќ ќе стане највозрасниот играч во историјата на Реал. Хрватот ќе го надмине рекордот на легендарниот Ференц Пушкаш.

Во мај 1966 година, Пушкаш играше во четвртфиналето на Кралскиот куп (тогаш познат како Купот на генералисимо) на гостувањето против Бетис, на 39 години и 37 дена. Модриќ, со 39 години и 40 дена, ќе го надмине овој рекорд доколку денеска настапи против Селта во десеттото коло на Ла Лига.

Во април оваа година, Модриќ веќе стана највозрасниот фудбалер на Реал Мадрид во европските натпреварувања, откако влезе во игра на местото на Џуд Белингам во натпреварот против Баерн Минхен. Тогаш повторно го подобри рекордот на Пушкаш од 1965 година.

- Оглас -

Најнови вести