Лука Тони: Имаме само еден добар италијански напаѓач

Поранешниот италијански голгетер Лука Тони критикува дека во моментов речиси и да нема италијански напаѓач кој може да даде повеќе од 15 гола во Серија А.

„Јас кога играв во националниот тим, му се смеевме на некој центарфор ако имаше дадено помалку од 20 гола. Сега се мачиме да најдеме некој што ќе даде барем 15“, рече Лука Тони во разговор со неговиот партнер од нападот на Аѕурите, Кристијан Виери.

Во сезоната 2014/15, негова претпоследна во кариерата, Тони и Мауро Икарди беа најефикасни со по 22 гола.

„Тоа значи дека другите биле слаби таа сезона. Сега, освен Имобиле, кој навистина е добар, нема друг Италијанец кој постигнува повеќе од 15 голови. Тоа е голем проблем“, додава Тони.

До прекинот на сезоната Имобиле имаше 20 гола, Капуто 13, Петања 11, а Берарди, Белоти и Квалјарела по 9. Според Тони, ова се сиромашни бројки за напад на селекција која се надева дека следната година може да ја нападне и европската титула.

- Оглас -

Најнови вести