Магдевски за Нова година посакува да го има првиот добитен добротворен тикет

Андреј Магдевски, кошаркарот на МЗТ Скопје и член на македонската репрезентација, е следниот кој се приклучи во акцијата на Sport Life и Спорт Манија, „Состави добротворен тикет“.

Еден од најдобрите асистенти сезонава во АБА2 лигата со учеството во нашата хуманитарна акција одлучи да ги донира парите за лекувањето на Ѓорге Џонов, фудбалерот кому му се неопходни околу 100.000 евра за итно лекување во Турција. Секако, Андреј прво ќе треба да ги погоди осумте парови кои ги типуваше за претстојниот викенд, за кои добивката е одлични 514.614 денари.

Предновогодишното расположение е сосема различно во однос на минатите години, оваа 2020 година нè натера да се преиспитаме што навистина посакуваме. Така и Магдевски скромно посака прво на сите здравјето да ги држи, а во Новата 2021 година би сакал работите да се вратат што е можно повеќе во нормала. Меѓу желбите на Андреј е секако и тоа да го погоди добротворниот тикет и да направи добро дело.

„Посакувам што е можно повеќе да се вратиме во нормала, како во животот така и во спортот. Многу би сакал публиката да се врати на трибини што е можно побрзо, тоа многу ни е потребно. Нормално, здравјето да нè држи сите нас, а би сакал и овој тикет да го погодам“, почна Магдевски.

Обложувањето го третира како ретко хоби, а како голем навивач на Манчестер јунајтед, Магдевски токму со Црвените ѓаволи го почна тикетот кои во претстојниот викенд гостуваат кај незгодниот Лестер, но нашиот репрезентативец верува дека серијата на гостински победи ќе ја продолжи екипата која ја води Солскјер. Исто така негува љубов кон Милан, многу му е мило што по една деценија Росонерите се вратија на победнички патеки, меѓутоа Италијанците одмораат за католички Божиќ, па Магдевски не можеше да го стави во тикетот и својот втор омилен тим.

„Во последно време не толку, но порано знаев да пишам тикет со симболични влогови, колку да биде поинтересно следењето натпревари. Уживам да гледам фудбал, а со посебно внимание ги следам Манчестер јунајтед и Милан, моите две омилени екипи. Посебно ми е мило што Милан се врати на врвот по 10 години“, вели Магдевски.

Тикетот на Магдевски главно се состои од натпревари од Англија, како најистакнати во понудата за претстојниот викенд, а типуваше дека и тимот на Стефан Ристовски, Спортинг Лисабон ќе триумфира на гостувањето кај Белененсеш.

 

- Оглас -

Најнови вести