Историски подвиг на Мајами, погодија 40 од 40 слободни фрлања – Дончиќ и Мичел и со 40+ поени претрпеа порази (Видео)

Мајами хит одигра историски меч што го заврши со драматична победа од 112:111 против Оклахома сити тандер, а Џими Батлер и соиграчите се првата екипа во НБА-лигата што погодила 40 слободни фрлања од исто толку обиди.

Тоа е историски резултат и најмногу слободни фрлања перфектно погодени од НБА-екипа на еден меч.

Џими Батлер беше лидерот на Мајами и творец на победата. Тој самиот погоди 23 слободни фрлања од 23 обиди и го даде најважното на 12 секунди до крај, кога ги постави конечните 112:111 со двојка и погодено слободно фрлање за триумф.

Батлер беше најефикасен на историскиот меч за Мајами со 35 поени.

Брилијантна ноќ на индивидуален план имаа уште две големи ѕвезди во НБА-лигата, но без ефект за нивните екипи.

Донован Мичел се врати во Јута на гостување со Кливленд против неговиот некогашен НБА-клуб, Јута џез, и одигра импресивно со 46 поени, 6 асистенции и пет скока, но неговиот сегашен тим загуби со 116:114.

Над 40-ка летна и Лука Дончиќ, но и Словенецот мораше да му честита победа на ривалот.

Лос Анџелес клиперс го победи Далас маверикс со 113:101 иако Дончиќ доминираше на паркетот со 43 поени, 11 скока и 7 асистенции.

Импресивно по подолго време одигра Кавај Ленард и тој беше лидер на Клиперс во триумфот од 12 поени разлика, а имаше учинок од 33 поени, 9 скока и 4 асистенции.

Резултати: Филаделфија – Детроит 147:116, Мајами – Оклахома 112:111, Торонто – Шарлот 132:120, Јута – Кливленд 116:114, Голден стејт – Феникс 113:125, Портланд – Орландо 106:109, ЛА клиперс – Далас 113:101.  

 

 

- Оглас -

Најнови вести