Мајами прави чуда: Жешките водат 2:0 против Бостон (Видео)

Екипата на Мајами хит продолжува со спектакуларните игри во НБА плејофот, па сега има 2:0 во победи во финалето на Источната конференција против Бостон селтикс. Во регуларниот дел од сезоната, Мајами се мачеше и на крајот во плејофот влезе како последна осмопласирана екипа.

Малкумина веруваа дека Мајами има сили да направи нешто во плејофот, но на теренот Жешките блескаат. Ноќеска, на гостувањето кај Бостон победија со 111:105 и тимот од Флорида сега на домашен терен може да обезбеди место во големото финале на НБА.

Од самиот почеток Мајами покажа дека е подготвен за нов брејк против Бостон. Гостите поведоа со 9:2 и потоа до самиот финиш од првата четвртина имаа предност. Мајами водеше 24:20 кога следуваше серија од 16:0, па Бостон го превзема водството (36:24), но за кратко време беше нерешено 42:42.

Бостон повторно имаше двоцифрена предност во третата четвртина кога водеше со 79:68, а на почетокот на последната четвртина водеа и со 89:77. Сепак, Мајами потоа заигра многу подобро, Жешките полека ја топеа предноста на противникот и во финишот со серија од 9:0, од негатива од четири разлика, стигна до предност од 105:100 и потоа до крајот не го испуштија водството.

Џими Батлер со 27 поени беше најефикасен во победничкиот тим, а одлични беа и Калеб Мартин со 25, како и Бам Адебајо кој за малку не оствари трипл-дабл и на крајот заврши со 22 поени, 17 скока и девет асистенции.

Кај Бостон најаефикасен беше Џејсон Татум со 34 поени, 13 скока и осум асистенции.

- Оглас -

Најнови вести