Мајката на еден од најталентираните јуниори во Англија е Македонка!

Еден од најдобрите млади фудбалери во Англија се вика Горан Бабиќ, има 17 години и неговата мајка Надица е Македонка. Иако е роден во Лондон, Горан засега се определи да игра за јуниорската селекција на Србија, а не за родната Англија. Неговиот татко Жељко е Србин, па затоа, а и поради стилот на игра, Горан го викаат „српскиот Модриќ“.

Бабиќ е капитен на јуниорскиот тим на Саутхемптон, младинска школа од која потекнаа Герет Бејл, Алан Ширер, Тео Волкот, Мет Ле Тисие и други ѕвезди. Во една ранг листа на „Гардијан“, Бабиќ беше сместен меѓу 20-те најдобри У-18 играчи на британскиот остров.

Како дете почнал да игра во Брентфорд, но школата се распушти, па Горан бил на проби во Арсенал, Манчестер сити и Вест хем, но реши да замине во Саутхемптон. Што се однесува до репрезентативните настапи, тој двапати беше на собир на српската селекција, а планира повторно да се појави, но додека не заигра за сениорски национален тим, има време да се премисли.

„Родителите ме советуваат, многу разговарам со нив. Не би рекол дека конечно сум одлучил за која репрезентација ќе играм. Моментно сум со Србија, но ќе видиме, има време“, вели Бабиќ, кој бил и во кампови на англиската репрезентација.

Тој сезонава има три гола и две асистенции на пет меча. Битката за неговите услуги ќе ја водат Србите и Англичаните, но којзнае што може да донесе иднината, можеби и Македонија ќе се вмеша во трката.

- Оглас -

Најнови вести