Мајкл Џордан е човекот кој одлучил како да продолжи НБА сезоната

Најдобриот кошаркар во историјата, Мајкл Џордан е клучниот човек за одлуката на комесарот во НБА лигата, првенството да продолжи со 22, а не со 30 клубови. Џордан кој сега е сопственик на Шарлот хорнетс бил дел од состанокот на сите сопственици со челниците на НБА лигата, кога се одлучувало како треба да продолжи шампионатот.

Одлуката е сезоната да се доигра во „Дизни светот“ покрај Орландо, но ќе играат само оние клубови кои се дел од плеј-офот или имаат шанси да се најдат во разигрувањето за титулата. Токму затоа осумте најслаби екипи нема да бидат дел од натпреварите во Дизниленд.

„Тимот на Џордан не е меѓу оние 22 кои ќе играат во Орландо, но тој беше најгласен меѓу сопствениците кога се зборуваше за кошаркарските проблеми. Имаше повеќе предлози за тоа како да се доигра првенството, но на крајот беше прифатен предлогот на Џордан. Во светот владее голем хаос, сега имаме и расни немири во земјата и мора да размислуваме за тоа како најдобро да доиграме, а да личи на нормалниот плеј-оф. Кога ќе започне разигрувањето, најдобрите осум екипи од Истокот и Западот ќе играат до четири победи. Тоа е нашиот план и така сакаме да го прогласиме шампионот“, рече комесарот на НБА, Адам Силвер.

- Оглас -

Најнови вести