Мајсторски камбек на Чилиќ против Вердаско

Марин Чилиќ го оствари можеби и најдобриот камбек досега на Отвореното првенство на Австралија откако со 3-2 во сетови (4-6, 3-6, 6-1, 7-6, 6-3) беше подобар од шпанскиот ветеран Фернандо Вердаско. Четири и пол часа се бореа двајцата тенисери, Вердаско можеше да стави крај на средбата во тајбрејкот од четвртиот сет, но не искористи две меч-топки.

Седмиот светски рекет многу лесно ги загуби првите два сета, но најде сили да се врати во игра. Експресно го освои третиот сет со 6-1 во гемови, а потоа следуваше драма. Никој не успеа да се одлепи, и Чилиќ и Вердаско освојуваа гемови при своите сервиси, па мораше да се одлучува на тајбрејк, кој Хрватот го освои со 10-8 откако Вердаско не искористи две меч-топки.

Во одлучувачкиот сет Чилиќ тргна фуриозно, брзо поведе со 3-0 во гемови откако го запиша четвртиот брејк на средбата, па во финишот се израдува на победа и пласман во следната рунда искористувајќи ја првата меч-топка.

Чилиќ во следното коло ќе се соочи со Роберто Баутиста-Агут, кој утринава го елиминираше Карен Хачанов со 3-0 во сетови, додека Рафаел Надал со идентичен резултат беше подобар од Де Минаур, па во следната рунда ќе се сретне со Томас Бердих.

- Оглас -

Најнови вести