Македонецот даде три гола и влезе во историјата на НХЛ

Тампа Беј лајтнинг продолжува со победничките игри во НХЛ-лигата, и тоа најмногу благодарение на Стивен Стамкос, играчот чиј татко е од егејскиот дел на Македонија. Рано утрово Тампа беј стигна до седмиот триумф во низа откако со 6:3 го победија Њујорк ренџерс.

Македонскиот Канаѓанец Стамкос беше незадржлив на мразот. Постигна три гола, со кои влезе во историјата на НХЛ-лигата. Стамкос стана првиот играч од драфтот во 2008 година што успеал да стигне до 700 поени во најсилната хокејарска лига во светот.

Њујорк имаше водство од 1:0 и 2:1, но токму Стамкос погодуваше за Тамба Беј и го враќаше резултатот во егал. Во продолжение на дуелот, Тампа поведе со 5:2, а стрелец на петиот погодок повторно беше Стамкос, кој потврди дека се наоѓа во одлична форма. Само пред два дена, Стамкос имаше два гола и две асистенции во триумфот од 7:1 против Колорадо.

Сега со овие три погодоци против Њујорк, тој стигна до седум поени само на два меча. Вкупно во кариерата има 701 поен во 696 одиграни дуели. Во клупската историја на Тампа Беј само двајца играчи претходно ја надминале границата од 700 поени.

Стамкос во кариерата има вкупно девет меча на кои постигнал „хет-трик“, но ова беше негово прво вакво постигнување по 13-ти октомври 2014 година. За Тампа Беј ова беше 24-та победа во 32 меча сезонава и засега е убедливо најдобар тим во НХЛ.

Резултати: Њујорк – Питсбург 1:2 (на пенали), Детроит – Лос Анџелес 3:1, Тампа Беј – Њујорк 6:3, Сан Хозе – Њу Џерси 5:2.

 

- Оглас -

Најнови вести