Македонецот кој го оствари сонот и освои медал на Мистер Олимпија аматер состави премиерлигашки хуманитарен тикет (Фото)

Најпознатиот и најуспешниот македонски бодибилдер, Тоше Зафиров, кој минатата година замина во спортска пензија и ги остави дамите во семејството да продолжат да се натпреваруваат, со задоволство ја прифати поканата да состави хуманитарен тикет.

Популарниот Тоше по 27 години и настапи на повеќе од 100 натпреварувања, минатата година одлучи да се повлече бидејќи како што вели, телото веќе му е уморно од сите тие напорни тренинзи, диети. Но, Тоше Зафиров во никој случај не се повлекува целосно од фитнесот и бодибилдингот, туку сега тој ќе им биде поддршка и тренер на сопругата Габи и ќерката Ангела, кои продолжуваат со настапите.

„Дури 27 години се натпреварувам и последната година веќе почувстував дека телото ми е уморно. Ако го „силувате“ своето тело, тоа може да доведе до непосакувани последици. Поради тоа, мислам и сè уште стојам зад тоа дека ми треба некој подолг одмор од 4-5 години. Чувствувам дека добро ми дојде одморот и повеќе да им се посветам на сопругата и на ќерката, кои се подготвуваат за Мистер Олимпија аматер. Ќерката Ангела ќе биде прва тинејџерка која ќе излезе на тоа престижно натпреварување, всушност тоа е едно од најголемите натпреварувања во светот. Така што повторно сè ми е поврзано околу бодибилдингот, фитнесот, здравата храна, здравиот начин на живот, здравите навики, секојдневното присуство во фитнес центарот „Гладијатор“. Исполнет сум, не чувствувам никаков недостаток, не прекинав со ништо, тренинзите, здравата исхрана и се што правев кога се напреварував, го правам и сега, само што го немам тој притисок, вели Зафиров.

Неговите почетоци со бодибилдингот се во родното Неготино, а откако дојде првиот успех, Зафиров одлучи да се пресели во Скопје.

„Почнав да тренирам на 16-годишна возраст во Неготино и како што тогаш речиси сите правеа, првите тренинзи ги направив дома. Потоа добив една книга од Петар Челик, кој е еден од основачите на бодибилдингот и фитнесот на овие ју-простори и ме фасцинираше како изгледаше тој. Потоа почнав да тренирам во клубот „Пако“ во Неготино, кој сè уште постои и тренерот со кого сè уште комуницирам знае да ми даде совети кои ги применувам. Многу го почитувам и го респектирам Пако бидејќи многу придонесе за мојот развој како бодибилдер во мојата кариера. Таму се подготвував за моето прво натпреварување на кое станав јуниорски шампион на Македонија во 1997 година, и тоа само по една година тренинг. Бидејќи Неготино е мало место, има мали фитнес-центри, дојдов во Скопје и тогаш почнаа да се нижат моите успеси“, зборува Зафиров.

Одреден период Зафиров успеваше да продолжи со настапите иако беше вработен и во Министерството за внатрешни работи (МВР), но откако успесите и трофеите „прераснаа“ во навика и се полнеа витрините, тој одлучи да се посвети само на бодибилдингот.

„Кога го напуштив МВР во 2010 година, се посветив не 100 туку 1001 отсто на бодибилдингот и фитнесот и на натпреварувањата бидејќи веќе си отворив сопствен клуб. Имав време во изобилство и од 2010 година почнав да ги остварувам моите најголеми успеси во бодибилдинг и фитнесот бидејќи можев професионално да се подготвувам, а тоа значи дека немаш фиксно работно време и дека го работиш тоа што го работиш со љубов.

 СОНОТ СТАНА РЕАЛНОСТ ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ

Долгите години на пожртвуваност и подготовки, беа крунисани во 2022 година, кога го освои петтото место на Мистер Олимпија аматер кое се оддржа во Букурешт, Романија.
„Мистер Олимпија аматер дефинитивно е натпреварувањето кое најмногу го посакував и за него живеев. Беше многу тешко, знаев на сопругата Габриела да ѝ кажам дали ќе дојде ден и ние да се израдуваме на еден медал од ова престижно натпреварување. Се случи и тоа, почнав да тренирам со еден од најдобрите тренери на светот, Мауро Саси од Италија, кој ги подготвува поголем дел од натпреварувачите кои се натпреваруваат на Мистер Олимпија. Тој ја виде желбата во мене колку посакувам да освојам медал, а знаеше дека со минимална работа и тоа може да се постигне. Успеавме таа 2022 година да влезам во финале и да освојам медал. Пред да се пласирам во финалето, Габриела беше пријавена во две категории и во двете успеа да влезе во финале и да освои медали. Едниот медал ми го даде мене, но јас ѝ реков не, тоа не е мој медал, тој ти припаѓа тебе, а потоа успеав и јас. Со сопругата заедно плачевме во тие моменти, не можевме да ги сопреме тие емоции бидејќи секој ден живеевме за тоа. Мечтаевме, трениравме заедно и го сонувавме тој успех и конечно дојде денот, тој медал, тоа парче метал да го имате за себе. За некого тоа парче метал не значи ништо, но за нас значи целиот наш живот што го имаме зад себе“ зборува Зафиров.

Иако сонуваше да влезе во финалето на Мистер Олимпија аматер и да освои медал, најомилениот трофеј му е од 2015 година, кога стана апсолутен шампион на Македонија и тоа во неговиот роден град, Неготино.

„Уф, дефинитивно трофејот и натпреварувањето кои ми се најмили се од 2015 година, кога станав апсолутен шампион на Македонија во моето родно Неготино. Да се победи пред своите роднини, пријатели, другари од детството е нешто прекрасно“, открива Зафиров.

ЏЕЈ КАРЛЕР ДОБИ МАКЕДОНСКО ВИНО НА ПОДАРОК

Настапите на меѓународните натпреварувања на Тоше Зафиров му донесоа големи пријателства со некои од најголемите и најдобрите бодибилдери на светот, кои со задоволство ги делат своите искуства и секогаш се расположени да дадат добар совет.

Покрај Петар Челик и Бакиќ, Зафиров е голем пријател со легенди како Кевин Леврон, потоа имал можност да се дружи со Шон Реј, како и со четирикратниот победник на најпрестижното професионално натпреварување во овој спорт, Мистер Олимпија, Џеј Катлер, со кого има интересна анегдота.

„Сите тие големи ѕвезди кои се сметаат за едни од најдобрите бодибилдери на сите времиња се нормални луѓе кои секогаш се расположени за делење совети. Има една интересна анегдота со четирикратниот победник на Мистер Олимпија, Џеј Катлер, кој е прекрасна личност. Во една прилика во САД со него разговаравме за Алекандар Македонски, а потоа на следното видување му подарив македонско вино.

Кај нив егото е тргнато на страна. Додека кај нас егото „оди напред“. Мора да бидеме нормални, зошто да не споделиме тоа што го знаеме зошто така можеме да помогнеме и барем еден живот да промениме би бил пресреќен. Секогаш сакам да работам тимски бидејќи знам колку е важно тоа и затоа ја правиме оваа онлајн платформа за да имаме што повеќе млади да им помогнеме“, зборува Зафиров.

ЗАЕДНО СЕ НАТПРЕВАРУВАА СО СОПРУГАТА

Сиве овие години, Тоше имаше и има верен партнер и на тренинзите и на натпреварувањата, тоа е неговата сопруга Габриела, а нивната љубовна приказна започна во Неготино, но не во фитнес-центар.

„Не, се запознавме кога бев редовен регрут во Армијата и при еден викенд во Неготино, во кафуле ја видов Габриела и ѝ пријдов, по што имавме прв пријателски разговор. Потоа следниот викенд по еден месец, се видовме, па почнавме да се слушаме телефонски и љубовта се раѓаше и мислам дека токму таквиот начин и пристап што го имавме е вистинскиот. Таквиот пристап е поздрав во однос на дешените бракови. Денеска сè се случува многу брзо, со еден „лајк“ стапуваат во врска, со едно срценце се во сериозна врска, но тоа е премногу брзо и многу брзо завршува. Ние се боревме за љубовта“.

Доказ дека на Тоше Зафиров семејството секогаш му беше на прво место, е тоа што постојано на сите натпреварувања со себе ги носеше и децата, синот Блаже и ќерката Ангела.

„Никогаш на моите деца не сум им наметнувал дека мора нешто да прават. Секогаш сум ги носел со мене, на поголем дел од натпреварувањата одевме цело семејство бидејќи знаевме да искомбинираме натпреварување и одмор. Одевме 4-5 дена на натпреварување и потоа останувавме уште 7-10 дена на одмор. Одевме на убави дестинации како Италија, Шпанија, Словенија, а моја желба беше што е можно повеќе да бидам со моите деца и притоа тие да видат каков товар носиме со сопругата“, вели Зафиров.

Презимето Зафиров и по повлекувањето на Тоше сè уште е активно на меѓународните натпреварувања поради сопругата и ќерката.

„Преубаво е бидејќи имам доста време да им се посветам ним, го правам тоа што најмногу го сакам, го правам тоа за тие што најмногу ги сакам, така што нема поубаво нешто. Најубавиот пример ми се случи пред некој ден додека вежбав, лево од мене беше сопругата, која имаше тренинг како личен тренер, а десно од мене беше ќерката, која си тренираше. Верувајте, нема ништо поубаво од тоа, да бидеш на местото кое најмногу го сакаш, а покрај тебе да биде семејството.
Тоа е најголемото обгатство, не постојат никакви пари на светот што можат да го купат тоа“.

ЌЕРКАТА ОДИ ПО СТАПКИТЕ НА РОДИТЕЛИТЕ

Тоше е посебно горд на ќерката Ангела, која како тинејџерка почна да се натпреварува и веќе освојува трофеи.

„Никогаш не инсистирав децата да го прават тоа што ние го правиме, секогаш им укажував на убавите работи од тоа што го правиме со сопругата. Ангела изрази желба да почне да вежба и виде дека напредува. Тогаш ѝ реков, Ангела имаш генетика за да можеш да се натпреваруваш и ако некогаш се одлучиш да се натпреваруваш, ти стојам на располагање, имаш и татко и мајка кои ќе ти дадат масимална поддршка. Ѝ укажав кои се бенефиттите од ова, од што треба да се откаже ако сака сериозно да се натпреварува. Пред првиот настап имаше трема и сакаше да се откаже, и тогаш ѝ реков дека треба да биде горда самата на себеси што се победи, бидејќи само на 16 години издржа ригорозна диета од три месеци, тренираше двапати на ден и сите тие предизвици ги издржа и треба да биде горда што е тука без разлика каков резултат ќе постигне. Сега кога бележи одлични резултати и во јуниорска и во сениорска конкуренција, веќе е посветена на фитнесот. Имаме планови за настап на Мистер Олимпија аматер и очекувам од неа да продолжи по нашите стапки, ја има потребната генетика и гледам дека е среќна со тоа што го прави без да ѝ кажам ништо. Најважно ми е што стекнува карактер и сè прави сама. Штом е одговорна да стане во часот наутро и да оди на училиште, па да работи во фитнес-центарот, па да си подготви храна и потоа да се подготви за утрешниот ден на училиште – е тоа е карактер. Таа прави голема жртва, не го прави тоа што најголем дел од нејзините врснички го прават бидејќи е целосно посветена на фитнесот и си оди по свој пат“, вели Зафиров.

Идната година на среќата на Тоше нема да ѝ се најде крајот бидејќи се очекува на Мистер Олимпија аматер заедно да настапат и Габриела и Ангела.

„Иако имав голема желба да настапиме заедно на едно натпреварување, сепак Ангела ќе настапи со мајка ѝ. На исто натпреварување оваа година ќе излезат заедно, но нема да бидат во иста категорија бидејќи Ангела сè уште е тинејџер, но веќе од следните години би можеле да се натпреваруваат во исти категории и тоа би било прекрасно. Има ли поголема гордост за една мајка да излезе заедно со својата ќерка на исто натпреварување. Секој родител живее за такво нешто.

ПРВ СПОРТ КОЈ ГО ТРЕНИРАШЕ БЕШЕ ФУДБАЛОТ

Тоше е идеалниот човек кој може да даде одговор дали луѓето во последните години повеќе внимание посветуваат на своето здравје вежбајќи не само во фитнес-центри, туку и преку други разни активнотсти.

„Сега луѓето повеќе внимаваат на своето тело, ние фитнес-центарот го имаме 17 години и мислам дека ваква експанзија немало како што е сега, не само кај нас, туку сите фитнес-центри во државата се полни. Децата тренираат фудбал, кошарка, ракомет. Кога одам на Водно и кога ќе видам колку народ има, навистина се гордеам. Посебно по короната, луѓето сфатија дека физичката активност, здравата исхрана, здравиот сон се најдобриот лек против болестите. Луѓето сега во фитнес-центрите не доаѓаат само да „билдаат мускули“, туку вежбањето го гледаат како одржување на здравјето. Тоа им е начин на живот“, вели Зафиров.

Интерeсно е што бодибилдингот не е првиот спорт кој Зафиров почна да го тренира, туку прва љубов му беше фудбалот во родното Неготино. Но, вели дека му е благодарен на тренерот што не му давал поголема шанса да игра и го натерал да се префрли на друг спорт – бодибилдингот. Фудбалот сега го следи преку ТВ-екраните, негови два омилени тима се Манчестер јунајтед и Реал Мадрид.

„Гледам предмногу фудбал пред малите екрани, обожувам да гледам натпревари од Лигата на шампионите, а не ги пропуштам мечевите на македонската репрезентација, тука се и Премиер лигата и Ла Лига. Омилени тимови ми се Манчестер јунајтед и Реал Мадрид и не пропуштам нивни натпревари, а навистина уживам да гледам фудбал бидејќи тоа ми претставува и физички и психички одмор, а во исто време и задоволство.

- Оглас -

Најнови вести