Македонија ќе има и англиски навивачи: Навиваме за тебе Џани и те молиме остани во Лидс (Фото)

Македонскиот дрес на Џани ми стаса навреме. Ќе навивам за Македонија на Европското првенство. Со среќа Џани, е само една од многуте пораки на социјалните мрежи за Езџан Алиоски од навивачите на Лидс, пред настапот на континенталниот шампионат.

Речиси сите без исклучок истакнуваат дека нивните симпатии се на страната на Македонија, а веќе е стандардно дека сите очекуваат и го молат Алиоски да остане во Лидс.

Алиоски вчера беше стрелец на својот осми гол во дресот со националните симболи на Македонија, првиот на мечот против Казахстан во победата од 4:0.

Погоди од белата точка во 35. минута и ја најави победата во последниот контролен меч на нашата селекција пред настапот на ЕП. Потоа имаше неколку маестрални потези и дриблинзи, што очигледно беше по вкус и на навивачите на Лидс.

На Алиоски му истекува договорот со Лидс по завршувањето на Европското првенство, навивачите сакаат тој да остане кај Пауните, но засега неизвесно е дали ќе го продолжи договорот.

Навивачите на сите начини се обидуваат да го мотивираат Џани да потпише нов договор со Лидс, по извонредната прва сезона за него во Премиерлигата.

https://twitter.com/Tonylufc28/status/1400920553452625921?s=20

Македонија ќе патува за Букурешт на 8. јуни, а пет дена подоцна не чека историскиот меч против Австрија, прв за нашата А селекција на големите натпреварувања.

Потоа исто така во Букурешт ќе играме против Украина на 17. јуни, а фазата по групи ќе ја завршиме со меч против Холандија на 21. јуни во Амстердам.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести