Македонија на ЕП двапати би била како „домаќин“ во Букурешт или Будимпешта

Македонската машка сениорска фудбалска репрезентација, никогаш не била поблиску до остварување на тридеценискиот сон да се најде на едно Европско првенство, а сега ја делат само два натпревари од тој сон, и уште отсега знаеме и со кого, кога и каде би играле на континенталниот шампионат.

Според денешната ждрепка во Букурешт, победникот на Лигата Д од Лигата на нации, а тоа би сакале да биде Македонија (другите кандидати се Косово, Белорусија и Грузија) треба да биде во групата Ц, во која се Холандија, Австрија и Украина.

Ако играме на ЕП во групата Ц, тогаш 14 јуни 2020 година ќе биде историскиот ден за македонскиот фудбал. Тогаш во Букурешт би се сретнале со добриот познаник Австрија на дебито. Четири дена подоцна, на истиот стадион би играле со Украина, а на 22 јуни во Амстердам против фаворитот и домаќин Холандија.

Но, ако нашата селекција се најде во пеколната група Ф (тоа ќе се случи ако и Романија преку Лигата на нации обезбеди место на ЕП), ќе треба на 16 јуни 2020 да игра против Португалија на Кристијано Роналдо во унгарската престолнина Будимпешта. Неколку Македонци играат во унгарски клубови, а и географски Македонија е поблиску, отколку Португалија, па би можеле да имаме превласт на трибините.

На 20 јуни истотака на „Пушкаш арената“ би играле со Мбапе, Гриезман и другите француски ѕвезди од редовите на светскиот првак, додека на 24 јуни следува гостување на „Алијанц арена“ во Минхен кај Германија.

- Оглас -

Најнови вести