Македонија на Мундијалот исто како пред две години – 15. место во свет

Македонската ракометна репрезентација со победа го заврши Светското првенство во Германија и Данска. Во последниот меч, го победивме Чиле со 32:30 и на крајот Македонија го освои 15. место на Мундијалот. Тоа е повторување на пласманот од пред две години, кога и во Франција бевме 15-ти во свет.

Во последниот меч на турнирот, капитенот Кирил Лазаров повторно беше прв стрелец со 9 голови, а Манасков заврши со осум погодоци. Стоилов беше прецизен пет пати, а во листата на стрелци се запишаа и Кузмановски (3), Георгиевски (3), Пешевски (1), Филип Лазаров (1) Талески (1) и Поповски (1).

Речиси и да не постоеја одбраните во првите 30 минути. Македонија добро започна и поведе со 6:3 во 8 минута. Чиле веднаш возвради со серија од 3:0 и израмни, но нашите ракометари го контролираа резултатот до пред самиот крај на првиот дел. Водевме со 14:13, кога противникот со три гола во низа стигна до 16:14. До крајот на првиот дел, Македонија стигна до реми.

Во вториот дел, Македонија повторно го диктираше резултатот, но Чиле го следеше ритамот. Нашите ракометари поведоа со 21:18, но за кратко време повторно беше нерешено. Македонија имаше предност од 24:23, а потоа со низа од 3:0 Чиле за прв пат во вториот дел поведе во 49 минута со 26:24. Тоа како да го налути капитенот Лазаров кој даде три гола во серијата од 4:0 и Македонија повторно поведе со 28:26 на шест минути до крајот и рутински ја задржа предноста до крајот.

- Оглас -

Најнови вести