Македонија никаде не е сама: Поддршката од навивачите не изостана и во Анталија (Фотогалерија)

Брачниот пар Биљана и Синиша Павлески од Скопје беа единствените навивачи кои ја бодреа фудбалската репрезентација на Македонија на пријателските натпревари против Молдавија и Црна Гора во Анталија. Како големи љубители на спортот, тие одлучија специјално да отпатуваат во Турција и во живо да ги проследат натпреварите на Македонија.

„Натпреварите во Анталија беа 281-ви и 282-ри официјални натпревари. Мои 119-ти и 120-ти во живо. Никогаш не е доволно. Секогаш сум подготвен за гледање на македонската репрезентација. Каде било каде, кога било, секако според можностите. Започнав во Скопје 1994 како студент. Дојде Словенија, прв натпревар во независна Македонија како домаќин. Како да беше вчера. Се израдувавме на првата победа. Следеа бурните деведесети. За гостувања можеше само да се сонува. Затворени, со визи, едноставно немоќни, плус студенти. Затоа домашните натпревари ги чекавме со нетрпение. Стоејќи на трибините во Букурешт, бев радосен, возбуден и среќен, но од друга страна, по сите лоши резултати и падови, не ми се веруваше дека стигна времето и ние да одиме на Европско првенство во фудбал“, се потсетува Синиша на дел од натпреварите на фудбалската репрезентација на Македонија кои ги следел.

Синиша бил на многу гостувања каде што играла репрезентацијата на Македонија и вели без разлика на противникот и на значењето на натпреварот, секогаш со срце навива за националната селекција.

„На сите мои 120 натпревари, без разлика дали во Скопје, Прилеп, Струмица или пак тоа било на Малта, во Рим, во Манчестер или сега во Анталија, сум настојувал цело време да навивам, да ја поддржувам македонската репрезентација, која каква и да е, наша е, ја сакам, некогаш се нервирам, но никогаш не престанувам со поддршката и навивањето“, додава Синиша Павлески.

Павлески има интересно хоби, ги собира влезниците од фудбалските натпревари на репрезентацијата на Македонија и вели дека му недостигаат уште многу малку за да ја комплетира колекцијата. Посебно тешки за собирање се, како што вели, егзотичните гостувања во Иран, Кина, Бахреин, Оман, САД и Канада.

„Ах, да, малку и за хобито. Ги собирам влезниците на нашата репрезентација. Од 282 натпревари, ми недостасуваат уште 37, но на некои натпревари немало карти, некои се играни без публика, од затворен карактер или со казни. Многи натпревари се одиграни на егзотични места како што се Техеран, Манама, Оман, Кина, САД и Канада, па реалната бројка на карти што ми недостасуваат е многу помала. Напред Рисови, во нови победи кои ќе ни донесат голема еуфорија, радост, гордост и пласман на големи натпреварувања“, рече Павлески.

 

 

- Оглас -

Најнови вести