Македонија одигра храбро, но очекувано загуби од Шпанија

Женската ракометната репрезентација на Македонија очекувано загуби на гостувањето против Шпанија со 24:20 во меч од квалификациите за Европското првенство. Македонија одигра одлично прво полувреме. По стартното водство од 1:0 на домаќинките, следуваа три гола на Македонија. Потоа Шпанија врати со иста мера за водството од 4:3. Црвената фурија водеше и со 7:5, кога Македонија втор пат со низа од 3:0 стигна до нова предност од 8:7. Сепак, фаворитот не дозволи изненадување по првите 30 минути и Шпанија имаше предност од 10:9.

На почетокот на второто полувреме беше 10:10, но тогаш Шпанија заигра многу подобро и со низа од 6:1 стигна до првата посериозна предност (16:11). Фаворитот продолжи во ист ритам, па во 50 минута имаше убедливо водство од осум гола (22:14) и беше јасно дека нема да има никакво изненадување на овој дуел.

По четири кола, Македонија има биланс од две победи и два порази и е на второто место на табелата, кое носи пласман на Европското првенство. Шпанија е лидер со максимални осум бода, а зад Македонија се Литванија и Азербејџан кои имаат по два бода, односно само со една победа и три порази.

Во следното коло Македонија ќе гостува кај аутсајдерот Азербејџан на 3 април и со победа, нашите репрезентативки ќе обезбедат пласман на континенталниот собир.

- Оглас -

Најнови вести