Македонија остана без лавот на Динамо Загреб – Адеми е повреден, не игра против Романија и Лихтенштајн

Аријан Адеми нема да игра за Македонија на првите два кваликациски дуели за Мундијалот во Катар, против Романија во Букурешт на 25. март и со Лихтенштајн во Скопје три дена подоцна, а мали се шансите, иако постојат да патува за Дуизбург на мегдан со Германците на 31. март.

Капитенот на Динамо Загреб се повреди на реванш дуелот од осминафиналето во Европа Лигата на кој популарните Модри приредија првокласна сензација и го елиминираа Тотенхем по 120-минутна битка.

Адеми беше повлечен од игра во 117. минута, откако стисна заби и го одигра поголемиот дел од епскиот реванш што го доби Динамо со 3:0 и успеа да ја анулира негативата од 0:2 од првиот меч во Лондон.

Капитенот на актуелниот хрватски првак потоа не играше против Горица, а ќе паузира и на двата стратни дуели на Македонија во новиот квалификациски циклус за пат во Катар, на Мундијалот што ќе се игра идната година. Веројатно ќе го пропушти целиот мартовски циклус, иако е оставена можноста да се приклучи за дуелот со Германија во Дуизбург.

Селекторот Игор Ангеловски не може да смета ниту на Иван Тричковски, Влатко Стојановски и Ѓоко Зајков, а дополнително беа повикани Агим Ибраими и Стефан Ашковски.

- Оглас -

Најнови вести