Македонија речиси постојано водеше против Грција, на крајот се спасуваше од пораз

Ракометната репрезентација на Македонија одигра нерешено 29:29 во првиот контролен меч на гостувањето во Солун против Грција. Нашата селекција речиси три четвртини од средбата имаше контрола на резултатот и водство, но на крајот, благидарение на погодокот на Ненад Костески се спаси од пораз.

Од самиот почеток избраниците на селекторот Кирил Лазаров тргнаа сигурно и со добра игра посебно во одбраната поведоа со 3:0 по првите пет минути. На половина од првиот дел Македонија имаше предност од 9:5, а највисокото водство од пет гола беше кога водевме со 11:6. На полувреме Македонија имаше предност од 15:12.

Добар беше стартот на Македонија и во второто полувреме и со два брзи погодоци прв пат дојдовме до предност од пет гола (17:12), но потоа следи серија од 3:0 за Грција и намалување на предноста на 15:17, а потоа нашите ракометари погодија за повторно водство од три гола.

Оваа предност од три погодоци која беше најчеста на средбата беше и во 44 минута кога Македонија водеше со 21:18. Сепак, потоа следува пад во играта на македонските ракометари. Грција повторно со низа од три гола за прв пат стигна до нерешено (21:21).

Македонија водеше со 24:23, за да потоа Грците со нова низа од 3:0, прв пат стигнат до водство и тоа од 26:24 на осум минути пред крајот. Домаќините потоа водеа и со 28:26 и 29:27, за да во последните минути, Македонија со два гола (последниот на Костески), стигне до нерешено.

Вториот контролен дуел на Македонија против Грција ќе биде утре, повторно во Солун.

Денеска контролен меч одигра и младата репрезентација на Македонија и тоа на гости кај Турција. Македонските надежи беа убедливи и победија со 34:19. Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ уште во првото полувреме имаа предност од 18:11 и во вториот дел продолжија во исто темпо, па на крајот славеа убедливо со 15 разлика. Овие две селекции повторно ќе играат утре.

- Оглас -

Најнови вести