
Фудбалската репрезентација на Македонија загуби убедливо од Турција со 4-0 на пријателскиот натпревар што се игра на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. За домаќинот ова беше рутински триумф на кој комплетно доминираа, а за Македонија сигурно е убава лекција дека во иднина ќе треба многу подобро.
Турците стартуваа фуриозно, веќе во десеттата секунда Џан Узун ја погоди гредата, а во продолжение од истата акција, по уфрлување од десната страна, Оркун Кокчу од десетина метри го совлада Столе Димитриевски.
Македнонија се закани во 15.минута преку Јани Атанасов, но неговиот удар од блокот заврши крај дирекот од голот на Бајиндир.
Една минута подоцна, Турција поведе со 2-0. Џан Узун се одлучи на удар од работ на шеснаесетникот и ја затресе мрежата на Македонија.
Продолжи офанзивниот пристап на Турција, имаше уште неколку закани кон голот на Столе Димитриевски, а Македонија имаше одлична шанса за погодок во 44.минута. Елмас ја започна акцијата, Миовски од десната страна нафрли и создаде можност за Алиоски, кој си отвори агол и шутираше со десната нога од седум метри, но Алтај Бајиндир одбрани. На одбиената топка реагираше Азер Омерагиќ, но играше со рака.
Во судиското продолжение од првиот дел, Столе Димитриевски му овозможи шанса на Елмас, но во последен момент добро реагираше одбраната на Турција.
Селекторите Винченцо Монтела и Гоце Седлоски направија неколку замени, но тоа не го промени ритамот на натпреварот. Турција и понатаму остана офанзивно ориентирана, а 53.минута дојде и до трет погодок. Џан Узун нафрли, а Дениз Гул со удар со глава ја погоди мрежата на Столе Димитриевски.
Во 65.минута, одличен центаршут испрати Арда Ѓулер, а Мерих Демирал не успеа да постигне гол од пет метри.
Турците дојдоа до 4-0 пет минути подоцна. Одлична акција, асистенција на Кахвечи и реализација на Јилмаз.
До крајот, ритамот падна, Турција беше задоволна од резултатот, а Македонија немоќна да стигне до голот на противникот.
ТУРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 4-0 (2-0)
Стадион „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. Судија: Хозе Луис Мунуера (Шпанија). Стрелци: Кокчу 2′, Узун 16′, Гул 53′, Јилмаз 70′ (Турција). Ж. картони. Фетаи (Македонија).
ТУРЦИЈА: Бајиндир (62′ Сенгезер), Мулдур (88′ Чалханоглу), Кабак (46′ Акајдин), Сојунџу (62′ Демирал), Елмали (27′ Челик), Озџан (62′ Тикмаз), Кокчу (46′ Ајхан), Акгун (46′ Кахвечи), Узун (62′ Симсир), Ајдин (62′ Ѓулер), Гул (62′ Јилмаз).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски (66′ Талески), Деспотовски (46′ Муслиу), Зајков (46′ Серафимов), Велковски (46′ Чурлинов), Фетаи (46′ Манев), Алиоски (66′ Николов), Атанасов (46′ Емини), Елези (66′ Додев), Елмас (74′ Растодер), Миовски (46′ Ристовски), Омерагиќ (66′ Аломеровиќ).

