Ракометната репрезентација на Македонија забележа рутинска победа над Луксембург од 23-28 и обезбеди пласман на ново Европско првенство, осмо за нас или седмо во серија. Победата над аутсајдерот во ниту еден момент не беше доведена во прашање и овие бодови беа впишани на нашето конто уште пред почетокот на мечот, а веројатно и пред почетокот на квалификациите.
Некаде до средината на првото полувреме се играше израмнето, дури и Луксембург на моменти имаше и водство. Во втората половина од првото полувреме го презедовме водството и не го испуштивме до крајот на натпреварот. Првиот дел го добивме со 12-14, додека победата на крајот беше изразена со предност од пет гола.
Филип Талески со 8 погодоци беше најпрецизен во нашата репрезентација, додека Филип Кузмановски и Мартин Серафимов по четири пати стрелаа прецизно. Во селекцијата на Луксембург, Кајсен со 10 гола беше најефикасен.
Европското првенство ќе се игра следниот јануари во Германија.