Македонија се пробива на листата на ФИФА, сега сме 65-торангирана фудбалска репрезентација

Македонската фудбалска репрезентација полека, но сигурно се пробива на ранг-листата на ФИФА и од денеска е 65-торангирана светска селекција.

Бележиме скок од три позиции во однос на претходното рангирање во февруари, најмногу благодарение на победата против Летонија во Скопје и ремито со Словенија во Љубљана на стартот од квалификациите за Европското првенство во 2020 година.

Од нашата група, две селекции го одбележаа рангирањето со најголем напредок и најголем пад. Израел забележа најголем пробив од сите рангирани селекции, напредуваше за 8 позиции и сега е на 76-тото место.

Австрија е селекцијата со најголем пад по двата стартни порази од Полска и токму од Израел. Австријците назадуваа за цели 11 места и сега се 45-та селекција на светот.

Полска остана на котата 20, исто како и Словенците, кои и сега и претходно беа на 63-то место, додека Летонија е во минус за две позиции, од април е на 135-тото место на листата на ФИФА.

На врвот остана Белгија, пред Франција и Бразил, а Англија сега е на четвртата позиција и ја смени Хрватска, која е зад „Гордиот Албион“. Позициите ги заменија и Уругвај со Португалија, па сега шестопласиран е Уругвај, зад нив се европските Бразилци, следуваат Швајцарија, Шпанија и Данска во топ 10.

- Оглас -

Најнови вести