Македонија со Фарски острови во мислите, утре патува на пријателски двомеч против Романија

Ракометната репрезентација на Македонија утре заминува за Романија, каде што во петок и сабота ќе одигра два пријателски натпревари против домаќинот во Браила. Целта на овие натпревари е подготовка за бараж-двомечот против Фарските Острови во мај. Селекторот Кирил Лазаров има големи проблеми со составот бидејќи дури шестмина ракометари отпаднаа од списокот поради повреди, а единствено дополнителен повик доби Савревски.

Кирил Лазаров за двомечот со Романија нема да може да смета на голманот Митревски, но и на Маркоски, Кузмановски, Костески, Јагуриновски и Атанасијевиќ.

„Треба да прифатиме каква било ситуација и да бидеме подготвени. Можеби и во мај ќе биде исто, па добро е како што поминува времето, да имаме поголем фонд квалитетни играчи. Можеби не од калибарот на тие што недостасуваат, но квалитетни ракометари кои полека се наметнуваат и треба да бидеме подготвени за секоја ситуација. Сакаме да се пласираме на Светско првенство затоа што имаме континуитет од настапи на големите натпреварувања од 2012 година и ќе направиме сè за да не ја пропуштиме оваа шанса“, вели Лазаров.

Иако Македонија ќе игра пријателски мечеви со Романија, сепак мислите се кон двомечот со Фарските Острови и продолжување на континуитетот настапи на големите натпреварувања.

„Фарските Острови се сериозна репрезентација со квалитетни играчи. Во последните две до три години многу напредуваат и инвестираат во ракометот. Тоа многупати досега го покажаа и го докажаа. Знаеме дека ќе биде тешко и максимално се подготвуваме за тој двомеч. Сега играме два пријателски натпревари против Романија, која е квалитетна репрезентација. Одлучивме да играме на гости бидејќи првиот натпревар против Фарски Острови го играме на гости, во една мала сала, во која има одлична атмосфера. Видовте и на Европското првенство дека пола држава дојде да ги бодри нивните ракометари, така ќе биде и таму. Треба да се прилагодиме на таа ситуација, а Романците се ист тип на навивачи и тип на репрезентација и мислам дека овие натпревари добро ќе ни дојдат“, додава Лазаров.

Првиот натпревар во Браила во петок ќе биде од затворен карактер, додека оној во сабота ќе биде со гледачи, но и со директен пренос на романската национална телевизија.

- Оглас -

Најнови вести