Македонија со одбојкарска лекција за Белгија

Македонската одбојкарска репрезентација се израдува на првата победа во Златната европска лига откако во „Борис Трајковски“ во Скопје ја победивме Белгија, и тоа со 3:1 во сетови.

Македонија одлично го започна мечот, во првиот сет постојано ја имаше контролата на резултатот и во ниту еден момент не му дозволи на противникот да дојде до водство, па на крајот очекувани беа 25:21 за нас.

Во вториот сет Белгија започна подобро и поведе со 7:4, а потоа и со 11:6 и 15:10. Нашите момци не се предадоа, па од 13:17 стигнаа до 17:17, а први во сетот поведовме со 21:20. Потоа стигнавме до предност од 24:22 и ја искористивме можноста за да поведеме со 2:0, добивајќи го сетот со 25:23.

Третиот сет беше најлош за Македонија. Белгија брзо поведе со 6:1 и потоа гостите константно ја зголемуваа убедливата предност. Успеавме да намалиме на 17:19, но тогаш Белгијците со низа од шест поени по ред стигна до 25:17 и намалување на 1:2 во сетови.

Во четвртиот сет двете селекции започнаа израмнето и беше 7:7, а потоа беше 9:8 за Македонија, кога следуваа неколку фуриозни поени на нашите одбојкари. За кратко време поведовме со 15:10, а највисокото водство го имавме на 21:14 и потоа без многу проблем стигнавме до 25:21 за првата победа во Златната европска лига за оваа сезона.

Пред да играат мажите, на терен беше и женската репрезентација на Македонија, која го претрпе и вториот пораз во Европската сребрена лига откако загуби од Летонија со 0:3 (23:25, 18:25, 18:25).

Нашите најдобри одбојкарки може да жалат што не освоија барем еден сет затоа што посебно во првиот беа рамноправни до самиот финиш, но во завршницата гостинките беа подобри со 25:23.

Во следните два сета, резултатот беше идентичен. Нашите одбојкарки освоија по 18 поени и на крајот загубија со 0:3.

- Оглас -

Најнови вести