Македонија во топ-10 со најмногу неуспешни обиди за пласман на ЕП или СП

Македонската фудбалска репрезентација е во топ-10 рангирани селекции со најмногу неуспешни квалификациски циклуси без успех, односно пласман на големо натпреварување.

Досега одигравме 7 фази за настап на Европско првенство и сите беа без позитивен ефект, односно пласман на завршницата, а идентично минавме и во шест квалификациски циклуси за настап на Мундијалите.

Сè уште имаме шанса да го разбиеме малерот преку Лигата на нациите, каде што нè чека полуфинале во Сегментот Д и меч против Косово на домашен терен. Ако победиме, ќе играме со победникот од дуелот меѓу Грузија и Белорусија, и тоа нокаут-меч во финале што го носи победникот на ЕП 2020 година.

Апсолутен рекордер со 35 квалификациски циклуси и без ниту еден настап на големите натпреварувања е Луксембург, а зад нив е Финска, селекција која има 33 неуспешни обиди, но сега има историска шанса за да го прекине предолгиот пост.

Финците на две кола до крајот на квалификациите за ЕП 2020 се втори во својата група со 15 бодови, пет повеќе од Ерменија и БиХ и им треба една победа до крајот, а играат дома со најслабата селекција во групата Ј, Лихтенштајн, и со отпишаната Грција на гости.

Зад нив е Кипар со 29 неуспешни обиди за настап на ЕП или СП, па следуваат: Малта со 26, Естонија и Литванија со по 16, Фарски Острови и Сан Марино со по 15, а Македонија со 13 е во група со Ерменија, Белорусија, Грузија, Молдавија, Азербејџан и Лихтенштајн.

- Оглас -

Најнови вести