Манчестер јунајтед веќе потроши 65 милиони фунти за Санчес, кој одигра само 45 меча

Манчестер јунајтед никако да се спаси од Алексис Санчес и неговиот неверојатно богат договор што го има со гигантот од „Олд Трафорд“. Санчес сезонава играше како позајмен играч во Интер, но Нераѕурите со сигурност ќе го вратат Чилеанецот во Манчестер. Англискиот клуб има договор со напаѓачот за уште две сезони, но тој не покажува ни малку од тоа што се очекуваше од него.

Тоа што е лошо за Манчестер е дека со самото враќање на „Олд Трафорд“, Санчес ќе добие дополнителен бонус од 1,1 милиони фунти, кој е наменет за лојалност и останување во клубот. Во ваква ситуација Манчестер мака мачи да се ослободи од Санчес, а тој ќе си добие бонус за лојалност.

Чилеанецот е најскапоплатениот фудбалер во Премиер лигата и неделно заработува 390.000 фунти, а оваа сума со бонусите достигнува и до 500.000 фунти. Според пресметките, Манчестер јунајтед досега потрошил 65 милиони фунти за плати и бонуси на играчот кој не ги оправда очекувањата.

Откако е дојден на „Олд Трафорд“, а тоа е на 22 јануари 2018 година, Санчес вкупно одигра 45 меча, што значи дека секое негово излегување на терен, клубот го чини околу еден и пол милион фунти. Некогашата ѕвезда на Арсенал даде само пет гола во дресот на Манчестер.

И Интер немаше големо фајде од Санчес сезонава. Одигра 15 меча и даде само еден гол, а пресметката покажува дека Интер плаќал по 7.550 фунти за секоја минута што Чилеанецот ја помина на теренот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести