Манчини ја откри тајната како Италија врза 11 победи по ред

Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Роберто Манчини, после синоќешната победа на неговиот национален тим на гостувањето кај Холандија од 1-0 во Лигата А од Лигата на нации, изјави дека се гордее со менталитетот кој го имаат неговите избраници. Италија има серија од 11 победи по ред.

„Мораше да постигнеме барем еден гол, но многу сум задоволен од играта и карактерот на моите играчи. Не е лесно да се победи во Амстердам и да се игра против еден ваков силен противник. Не можете да добиете 11 средби едноподруго без вистински менталитет. Оваа серија значи дека имаме нешто специјално кај себе, иако некои од претходните противници кои ги победувавме не беа силни како Холандија“ – изјави Манчини.

Манчини како селектор на Аѕурите, на клупата седел 21 пат, и има само два порази. Ова е изедначување на билансот кој го имаше Марчело Липи од 2004 до 2006 година, период кој кулминираше со освојување на титулата светски првак пред 14 години на Мундијалот во Германија. Помалку порази од нив имал само Фулвио Валкареџи со кој Италија стана европски првак во 1968 година и играше финале на СП две години подоцна.

Селекторот на Италија рече дека бил загрижен за повредата на коленото на Николо Ѕаноило и снимките треба да покажат дали е најлошото (скинати предни вкрстени лигаменти), но оптимист е бидејќи после мечот болките на фудбалерот на Рома како да му се намалиле.

- Оглас -

Најнови вести