Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Роберто Манчини, откри дека неговиот бивш соиграч и близок пријател Џанлука Вијали, кој почина на 6 јануари, пред својата смрт посакал Италија да биде светски првак во 2026 година.
„Тој ми кажа дека треба да го освоиме Мундијалот во 2026 година и дека и тогаш ќе биде со нас“, изјави Манчини, кој раскажа дека во декември го посетил болниот Вијали во Лондон и тој таму му ја кажал желбата за светска титула.
Манчини и Вијали беа соиграчи во шампионскиот тим на Сампдорија од пред 30-тина години, а како партнери во стручниот штаб на националниот тим со Италија го освоија ЕВРО 2020, кое се играше во летото 2021 година.
„Кога го видов во Лондон, искрено, бев малку уплашен, а тој беше борец, не се предаде до крај. Се смеевме, се шегувавме, ми кажа да не се секирам, всушност тој се обидуваше да ми го крене духот. Тој ќе биде со нас на СП 2026, се надевам дека наскоро ќе му посветиме една голема победа“, додава Манчини.