Мане и Ван Дајк го „нокаутираа“ Баерн, Барселона го „наполни“ Лион

Ливерпул со убедливи 3-1 славеше на гостувањето кај Баерн Минхен во реваншот во осминафиналето од ЛШ и на тој начин му нанесе елиминација на германскиот тим во првата етапа од нокаут-фазата за првпат по 2011 година. „Црвените“ успеаја да елиминираат германски тим по 15-ти пат во вкупно 17 пресметки во нокаут-фазата од најелитното европско клупско натпреварување.

Во три осминафинални двобои меѓу англиска и германска екипа, Англичаните беа подобри во сите пресметки, Манчестер сити против Шалке, Тотенхем против Б. Дортмунд и сега Ливерпул со елиминацијата над Баварците.

Садио Мане во 26-тата минута им донесе предност на гостите, а по 13 минути Баерн дојде до израмнувачки погодок откако Матип сам си ја смести топката во мрежата. Мирно беше до 69-тата минута, а Ливерпул преку Ван Дајк направи голем чекор кон четвртфиналето. Одлично изведен корнер во 69-тата минута на Милнер, Холанѓанецот беше највисок во скокот и го совлада Нојер.

За конечни 3-1 повторно стрелаше Мане, а погодокот го постигна во 84-тата минута.

Барселона со големи 5-1 над Лион успеа да се пласира меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ. Лионел Меси беше човекот кој ја предводеше Барса до убедливата победа, Аргентинецот учествуваше во четири од петте гола на Каталонците (два гола и две асистенции).

Меси преку пенал изведен на мајсторски начин му донесе водство на шпанскиот првак, а Кутињо во 31-вата минута ја направи предноста удобна. „Лавовите“ за момент се вратија во игра преку голот на Тусар во 58-та минута, но потоа Меси одлучи да ја заврши работата и да нема неизвесност.

Прво постигна гол за 3-1 во 78-мата минута, а потоа за пет минути им асистираше на Пике и Дембеле.

Паровите за четвртфиналето ќе се дознаат во петочната ждрепка.

- Оглас -

Најнови вести