Маневар во последен момент и среќен крај за двете страни

Роналдињо го привлече вниманието на себе на Мундијалот во 2002 година, кога Бразил ја освои петтата светска титула, а тогаш магионичарот беше член на ПСЖ. Европските гиганти го следеа секој негов чекор, а како најзаинтересирани за неговиот потпис се покажале Манчестер јунајтед и Барселона.

Во летото 2003 година Црвените ѓаволи биле блиску до ангажман на Роналдињо, дури и дрес го чекало на „Олд Трафорд“, но Бразилецот се премислил во последен момент и ставил потпис на договор со Каталонците, откри легендарниот Пол Сколс.

„Се сеќавам, бевме многу ентузијастични кога слушнавме дека Роналдињо доаѓа кај нас. Сите со нетрпение го чекавме да ни се приклучи бидејќи знаевме за каков играч станува збор, меѓутоа тој се премисли и замина во Барселона, а само неколку дена подоцна игравме пријателска против Роналдињо и Каталонците и цело време се трудевме да му наштетиме“, изјави Сколс.

Јунајтед остана без врвно засилување, меѓутоа маневарот на Роналдињо во последен момент донесе среќен крај за двете страни. Некогашниот најдобар светски фудбалер освои сè на „Камп ноу“ на клупски и на индивидуален план, додека Јунајтед планираните средства за него ги искористи да го ангажира Кристијано Роналдо, кој подоцна исто така прерасна во играч од светска класа и придонесе многу за успехот на клубот.

- Оглас -

Најнови вести