Марадона денеска полни 60 години, неговите мајстории ќе се раскажуваат и по еден век

Диего Армандо Марадона денеска го слави 60-тиот роденден, а тоа е и празник на фудбалот во светот бидејќи овој аргентински магионичар со топката одбележа една ера во светскиот фудбал, со мајстории кои се раскажуваат и денеска.

Марадона беше способен сам да го носи тимот на свој товар, со голови и асистенции носеше успеси, таков техничар како него не беше виден дотогаш, но проблемите со дрогата ја скратија неговата кариера. Марадона даде неколку незаборавни голови. Како млад играч, во 1982 година во дресот на Барселона, во Белград против Црвена ѕвезда даде еден мајсторски гол со лоб, потоа се памети неговиот гол од слободен удар против Јувентус, за кој и Платини се чудеше како успеал да погоди од таква позиција.

Но, секако, Марадона најмногу го паметиме по двата гола против Англија во четвртфиналето на СП во 1986 година, едниот со „Божјата рака“, другиот со слалом низ одбраната, гол кој е прогласен за најубав во 20-тиот век. На тој Мундијал, Аргентина стана светски првак и заслугата е на Диего.

Марадона е најголема легенда и најобожуван човек и во Неапол бидејќи во втората половина на 80-тите тој им донесе трофеи во Купот на УЕФА и шампионска титула во Серија А. Марадона фудбалот го играше со невидена леснотија и доколку внимаваше на себе како сегашните ѕвезди, којзнае каде ќе му беше крајот.

И во Бока јуниорс го сметаат за Бог, фановите на тој негов омилен клуб за Марадона зборуваат во суперлативи. Сега работи како тренер на Гимназија Ла Плата. Невозможно е како тренер да биде успешен како што беше како играч затоа што Диего како фудбалер беше нешто посебно.

Потсетување на неговите два гола против Англија:

- Оглас -

Најнови вести