Mарадона со порака до Меси: Не се враќај во репрезентацијата!

Диего Армандо Марадона секогаш бил искрен и без „влакна на јазикот“, посебно кога треба да зборува за репрезентацијата на Аргентина. Марадона беше еден од најголемите навивачи на „гаучосите“ на Светското првенство во Русија, каде што некогашниот двократен планетарен првак беше елиминиран во првата рунда од нокаут-фазата.

Веднаш по Мундијалот, капитенот на Аргентина, Лионел Меси, најави дека ќе се повлече привремено. Сега Марадона вели дека Лео воопшто не треба да се врати во националниот дрес.

„Меси треба да биде лут на сите нас. Тој не е виновен што не сме светски прваци. Сите ние верувавме дека тој може да нѐ однесе до тронот, но тоа ти е како кога одиш на коњички трки и очекуваш твојот коњ да победи, а тој завршува на осмото место. Денеска репрезентацијата воопшто не ме воодушевува. Ја загубивме страста. Не може да се игра со Никарагва и Малта. Целиот престиж што го имавме, го фрливме во тоалет. Да сум на местото на Меси, не би се вратил во репрезентацијата“, вели Марадона.

Диего воопшто не е задоволен што за селектор е поставен Лионел Скалони.

„Скалони е добар човек, но не може да биде селектор. Па тој не може да регулира ни сообраќајница, а не репрезентацијата. Како нему да му го дадеме националниот тим? Дали сме сите луди? Со цела почит кон него, но никогаш не сум видел да даде гол за Аргентина. Како човек е во ред, може да одиме заедно да правиме скара, но не смее да биде селектор“, остро коментираше Марадона.

- Оглас -

Најнови вести