Марк Гасол по 11 години го напушти Мемфис

Торонто репторс го ангажираше Марк Гасол од Мемфис гризлис во последниот ден од рокот за размена на играчи во НБА-лигата. Канадската франшиза во трејдот ги даде Џонас Валанчиунас, Делон Рајт и Си-Џеј Мајлс, како и пик од втората рунда на драфтот кој ќе се одржи во 2024 година.

Гасол по 11 години го напушти Мемфис и за првпат во неговата кариера ќе игра за друг НБА-тим. Мемфис исто така го доведе Ејвери Бредли од ЛА клиперс, а за неговите услуги се откажаа од Герет Темпл и Јамајкал Грин. Во размена со Атланта хокс, Мемфис го даде Шелвин Мек за Талјер Дорси.

СМЕНА НА ДРЕСОВИ ВО „ГРАДОТ НА АНГЕЛИТЕ“

Лејкерс ги трејдуваа Мајкл Бизли и Ивица Зубац, но тие ќе останат во Лос Анџелес, а ќе играат за градскиот ривал Клиперс. Во спротивна насока замина Мајк Мускала, а „езерџиите“ ја разгледуваат можноста да го ангажираат слободниот агент Кармело Ентони, откако направија простор во ростерот.

Клиперси воедно им врачи отказ на Марсин Гортат и Милош Теодосиќ.

ЊУ ОРЛЕАНС ГО ЗАДРЖА ДЕЈВИС, СИ ЗАМИНА МИРОТИЌ

Њу Орлеанс пеликанс наместо Ентони Дејвис, го трејдуваше Никола Миротиќ, кој сега ќе игра за Милвоки бакс, а за возврат „пеликаните“ ги добија Џејсон Смит и Стенли Џонсон. Што се однесува за Дејвис, тој нема да биде играч на ЛА лејкерс откако управата на Њу Орлеанс цел ден ги игнорираше повиците од Калифорнија и не се договори размена.

Ник Стаускас и Вејд Болдвин за четири дена учествуваа во три размени, а на крајот да завршија во Индијана пејсерс. Но и таму нема да се задржат, бидејќи Индијана планира да ги раскине договорите и со двајцата кошаркари.

Во последните мигови, Орландо меџик ги договори услугите на Маркел Фулц од Филаделфија, а се откажаа од Џонатан Симонс, како и од првиот и од вториот пик од драфтот во 2020 година.

Сакраменто и Портланд трејдуваа центар за центар – Скал Лабисје ќе игра за Трејлблејзерси, додека Кејлеб Свониген се пресели во франшизата од Калифорнија.

- Оглас -

Најнови вести