Марк Селби е нов светски првак во снукер. Селби по четврти пат во кариерата се закити со овој трофеј, а триумфот му донесе и парична добивка од 500.000 фунти.
Дворскиот шут од Лестер, како што е прекарот на Селби, има 37 години и во финалето го победи Шон Марфи со 18-15 во освоени фрејмови. Селби беше првак и во 2014, 2016 и 2017 година. Со четири титули, тој се изедначи со Џон Хигинс, па сега пред него се само Стивен Хендри, Рони О‘Саливен и Стив Дејвис.
Поразениот Марфи, кој се надеваше на втора светска титула по онаа во 2005 година, ќе се утеши со 200.000 фунти. Годинешното финале се играше пред полниот „Крусибл театар“ во Шефилд и тоа е прв спортски настан по повеќе од една година на кој имаше целосно полни трибини.