Марк Маркес ја направи предвидената операција на левото рамо, па шпанскиот возач ќе мора да оди на рехабилитација која ќе трае до шест недели. Актуелниот првак во „кралската класа“ кон крајот на изминатиот шампионат имаше проблеми со рамото, поради што мораше да оди „под нож“.
Операцијата ја направи во Институтот за трауматологија и спортска медицина во Каталонија, додека процесот на закрепнување ќе го врши во својот роден град Сервери. Се предвидува Маркес да биде подготвен за претсезонските тестирања на патеката „Сепанг“ во Малезија, во пресрет на новата сезона која ќе започне на 10-ти март, 2019 година.
Возачот на Хонда сезонава ја освои петтата светска титула во Мото ГП, додека таа му беше вкупно седма во кариерата.