Март не е далеку, ќе може ли Македонија да игра во Дуисбург против четирикратниот светски првак?

Македонија за првпат во фудбалската историја треба да игра со четирикратниот светски првак Германија, и тоа во квалификациски натпревари за пласман на Мундијалот во Катар 2022, но неизвесно е дали ќе гостуваме во Дуисбург на 31 март.

Германците имаат воведено строги рестрикции за патување во нивната земја, особено од држави што се во ризичната зона со број на заразени и починати од ковид-19.

Во зоната е и Македонија како високоризична земја со корона-вирусот. Мерките се на сила до 14 февруари во Германија. Лошо за фудбалскиот меч што е закажан за 31 март во Дуисбург е ако рестрикциите бидат продолжени во Германија, што би значело дека ако гостуваме во последниот ден од идниот месец, нашата фудбалска екпедиција би морала да остане во 10-дневен карантин во Германија.

Тоа е невозможна мисија бидејќи репрезентативците на Македонија имаат клупски обврски потоа, а тешко дека клубовите каде што настапуваат ќе дозволат такво сценарио.

Проблемите со патувањето во Германија веќе се одразија на два меча во Лигата на шампионите, па Лајпциг и Борусија Менхенгладбах ќе бидат домаќини во Будимпешта против Ливерпул, односно Манчестер сити на 16 и на 24 февруари во првите осминафинални дуели и двомечи со англиските гиганти.

 

- Оглас -

Најнови вести