Матијашевиќ: Дебело ја заслуживме победата, овие момци никогаш не се предаваат

Македонија прави одбојкарско шоу во Љубљана, а веќе сме едно од најпријатните изненадувања на Европското првенство, по втората победа во низа, вечерва против Словенија со 3:1.

Имаме шанси за настап во осминафиналето, но повторно зависиме од другите селекции, пред сè од Турција. Има калкулации, ни одговара Турците да ги победат Белорусите и Финците и Македонија да патува за Франција на завршницата.

„Имаме 14 момчиња во Словенија кои и кога играа лошо, не сакаа да попуштат. Првапт откако сум селектор имавме повеќе блокови од противникот, а Словенија е силна селекција. Имавме 14 блока во првиот сет, што е одличен ефект. Дебело ја заслуживме победата и сега цела Македонија нека се радува“, изјави селекторот Матијашевиќ.

Радоста е голема, а Филип Деспотовски објасни како стигнавме до подвиг против Словенија.

„Ги надигравме во сите елементи. Со дрскост во нападот, во блокот, со многу поголема желба. Ние сме екипа што има победнички дух и не отстапуваме пред никого“, изјави Деспотовски.

Еден од јунаците во победата против Словенците е Александар Љафтов. Со сервисот во финишот на мечот ги разби Словенците и не доведе до подвиг и победа против фаворизираниот домаќин.

„Ова е визионерска македонска репрезентација. Можеби и не веруваа во нас, па вака е поубаво со игра на терен да ги разубедиме сите и да потврдиме дека имаме квалитет. Им благодарам на сите и посакувам да продолжиме да играме како вечерва“, изјави Љафтов.

Сега македонските одбојкари ќе чекаат две победи на Турција за да бидат осминафиналисти.

- Оглас -

Најнови вести