Мбапе во Дубаи доби награда за најдобар фудбалер, па типуваше: ПСЖ ќе го елиминира Реал!

Килијан Мбапе е најдобар фудбалер на светот за 2021 во изборот на „Глоуб сокер авордс“, настан кој традиционално се одржува во Дубаи. Лани оваа награда му припадна на Роберт Левандовски.

Мбапе даде и интервју во кое кажа некои интересни работи.

„Во светот има многу добри фудбалери и ако заспиеш, веднаш има кој да те замени. Јас сум среќен што играм за голем клуб и голема репрезентација, целта ми е да продолжам со победите. Светско првенство е специјално натпреварување баш затоа што се игра на секои четири години и затоа луѓето го сметаат за најдобро натпреварување. Ако биде на секои две години, ќе делува како нешто обично. Многу мечеви имаме во текот на годината, треба да се почитува здравјето на играчите“, порача Мбапе.

За Мбапе се шпекулира дека во следната сезона ќе го носи дресот на Реал Мадрид, а скандалозната повторена ждрепка за ЛШ во осминафиналето ги спои токму ПСЖ и Реал.

„Мое предвидување дека ПСЖ ќе победи. Ќе биде тешко, но во 2022 година сакам да ја освојам Лигата на шампионите, исто така и СП“, рече Мбапе.

На церемонијата во Дубаи беа доделени многу награди. Челзи е најдобар клуб, Кристијано Роналдо доби признание за најдобар стрелец во историјата, Италија е најдобра селекција, најдобар тренер е Роберто Манчини, Роналдињо беше награден за животно дело, а Роберт Левандовски беше најдобар играч во изборот на навивачите кои гласаа на социјалната мрежа Тик-Ток.

- Оглас -

Најнови вести