Mечот со најлуди калкулации во квалификациите за ЕП се игра вечерва

Хрватска е селекцијата која го обезбеди првото место во групата Е, но останува енигма која ќе биде втората репрезентација што ќе се избори за пласман на ЕП 2020 година. Дилемата ќе биде решена вечерва, а дури три национални селекции се со свои калкулации и желби.

Клучниот меч се игра во Кардиф, на „Милениум стадионот“ меѓу Велс и Унгарија. Двете селекции се со шанси за пласман на континенталниот собир, но интересно е што и Словачка ја чека својата шанса од сенка.

Моментно на табелата Унгарија е втора со 12 бодови, Велс има 11, а Словачка е со 10. Тоа значи дека Велс треба да победи вечерва на свој терен и ќе се радува на пласман на ЕП 2020. Таква е ситуацијата и за Унгарија. Победа на гостите значи дека сигурно ќе останат втори на табелата.

Интересно е ако дуелот во Велс заврши нерешено. Во тој случај шанса добива Словачка. Словаците се апсолутни фаворити на свој терен против фенерџијата Азербејџан, па со три бода и реми во Кардиф тие ќе се радуваат на место меѓу најдобрите на Стариот Континент.

Ако е реми во Кардиф, а Словачка победи, тогаш Унгарија и Словачка би имале по 13 бодови, но Словаците се со подобар меѓусебен дуел, па би биле втори. Ако Азербејџан успее да откине бод во Братислава, тогаш на Унгарија ќе ѝ биде доволен и бод против Велс.

Калкулации има многу, три селекции се со свои желби, а патникот на ЕП ќе биде познат по завршување на вечерашните мечеви, по 22:30 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести