Медитеранските маки на Мрме – Николов може да добие мал попуст, Димитриевски тешко

Игор Ангеловски денеска ќе го објави списокот со 26-мина репрезентативци на Македонија што ќе патуваат на Европското првенство, прво за нас во фудбалската историја.

Драматични промени од стандардните играчи што учествуваа во последните неколку циклуси ќе нема, но популарниот Мрме сепак има неколку проблеми.

Првиот е да се најде замена за повредениот Илија Несторовски, кој нема да настапи на ЕП поради повреда, а следните две маки му се медитерански.

Бобан Николов денеска ќе игра за Лече против Венеција во реванш-полуфиналето од плејофот во Серија Б и ако победи, ќе мора да игра финален двомеч за пласман во елитата против подобриот од двомечот меѓу Монца и Читадела.

Финалниот двомеч се игра на 23 и на 27 мај, а првиот собир на репрезентацијата на Македонија е закажан за 25 мај, по што четири дена подоцна ќе играме тест-меч со Словенија.

Ако се пласира во финалето на плејофот, Николов веројатно ќе добие попуст од два-три дена од Ангеловски, но тоа е невозможно во случајот на голманот Столе Димитриевски.

Првиот чувар на мрежата на Македонија има шанси со Рајо Валјекано да игра плејоф во популарната шпанска Сегунда, а тоа би траело долго и ќе навлезе и во јуни.

Шампионатот во Ла Лига 2 завршува на 30 мај, потоа следуваат и две рунди плејоф на четири екипи од 3-6 место, а Рајо е кандидат за доигрувањето во битка за последниот билет што води во Ла Лига.

Тоа би било проблематично и веројатно клубот од Мадрид ќе мора да го игра плејофот без Димитриевски на голот.

 

- Оглас -

Најнови вести