Мегваер: Сакам да играм повеќе, очекувам да освоиме уште два трофеја сезонава

Манчестер јунајтед сигурно граби во Премиер лигата и моментално е сигурен на позиција која води до место во Лигата на шампионите за следната сезона. На дуелот против Евертон, Манчестер победи со 2:0, а во централниот дел на одбраната беше Хари Мегваер.

Играчот кој многупати во изминативе две сезони беше посочен како најслаба алка во екипата, сега е полн со оптимизам и вели дека е задоволен од моменталната форма во која се наоѓа и сака повеќе да е на теренот отколку да е резерва.

„Не ми се допаѓа тоа што не можам да играм на секој меч, но морам да го почитувам и менаџерот и неговите одлуки и исто така да почитувам колку е добра конкуренцијата во центарот на одбраната во нашиот клуб. Кога ќе добијам шанса, сакам да се докажам, сакам да победувам и најважно за тимот е да има влијание врз играта. Секако дека сакам да играм на секој натпревар и сигурен сум дека ако разговарате со нашите централни бекови, сите тие се искусни и одиграа на највисоко ниво и сите ќе бидат разочарани кога ќе седнат на клупата. Тоа важи и за мене. Во мојот менталитет е дека сакам да освојам уште два трофеја сезонава. Бев среќен што го подигнав Карабао купот, а сакам да подигнам уште два пехари“,  вели дефанзивецот на Манчестер јунајтед, кој кога е на теренот, ја има капитенската лента.

Манчестер јунајтед ќе игра во полуфиналето од ФА купот, а тимот е во трка и за трофејот во Лигата на Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести