Додека сè уште се чека конечна одлука за настапот на Иран на Светското првенство, Мексико изрази подготвеност да ги организира натпреварите на оваа азиска селекција на своја територија.
Иран нема намера да патува во САД, каде што треба да ги одигра сите три натпревари од групната фаза, поради актуелниот воен конфликт.
Поради тоа, иранската страна побара од ФИФА натпреварите да се префрлат во Мексико, кој исто така е домаќин на Мундијалот. Сепак, ФИФА ја одби оваа можност, нагласувајќи дека турнирот ќе се игра според однапред утврдениот распоред.
Иако шансите за промена се мали, Мексико јасно покажа дека е подготвен да помогне. Претседателката Клаудија Шеинбаум изјави дека земјата може да ги исполни барањата на Иран.
„За Мексико тоа не е проблем. Станува збор за логистичко прашање на ФИФА. Тоа е изводливо бидејќи првично натпреварите требаше да се играат во САД. Дали можат да се играат тука во Мексико? Тоа се разгледува и наскоро ќе информираме“, изјави таа во Мексико Сити.
Сепак, промена на распоредот само 12 недели пред почетокот на турнирот изгледа малку веројатна.
Дополнително, се поставува прашањето што би се случило ако Иран игра во Мексико и ја мине групната фаза, бидејќи речиси сите натпревари од нокаут-фазата се предвидени да се играат во САД.

