Менсел: Денешните Ф1 пилоти по трка се како да биле кај стилист, не се ни потат

Ексшампионот на Формула 1, Британецот Најџел Менсел, даде негативно мислење за современите пилоти од најпопуларниот автомото спорт.

„Сега пилотите едвај се потат во болидите. По трка, тие изгледаат како да биле на фризер. Во мое време, ако пилотот учествувал 180 трки и не загинал, тоа значеше дека направил одлична кариера. Сегашните пилоти имаат и по 300 трки без да се повредат. Времињата се неспоредливи. Ние пролеваввме крв, пот и солзи, а за победа ни даваа по 9 поени. Сега е полесно, а за победа даваат 25 поени”, изјави 66-годишниот Менсел, кој возеше во Формула 1 од 1980 до 1995 година, а шампионска титула освои во 1992 година.

Некогашниот пилот на Лотус, Вилијамс, Ферари и Мекларен имаше 31 победа, 59 подиуми и 32 пол-позиции. Менсел беше првак и во Инди Кар натпреварувањето. За време на кариерата имаше скршеници на коски во грбот, повреди на зглобовите на раката, смачкани стапала, а во левото рамо има шипка од титаниум.

Според Менсел, најдобар пилот во историјата е Хуан Мануел Фанџо, во чие време овој тркачки спорт бил многу небезбеден бидејќи немало заштитни појаси, немало соодветни кациги, некогаш не носеле ни ракавици, а резервоарот за бензин им бил помеѓу нозете и при случај на некаков инцидент, шансите да загинете биле 50-50.

- Оглас -

Најнови вести