Меси ги кажа трите клучни услови за да остане во Барселона

Лионел Меси има само уште три месеци од активниот договор со Барселона. Аргентинецот кој целата кариера ја помина во каталонскиот гигант, сега е на „раскрсница“, дали ќе остане на „Камп Ноу“ или за прв пат ќе го смени клупскиот дрес.

Барселона неодамна доби нов претседател, всушност се врати Жоан Лапорта, човекот под чие водство гигантот направи блескави резултати и освои многу трофеи. Меси и Лапорта денеска имале состанок на кој аргентинскиот виртуоз му дал список со барања на претседателот, за да се реши да потпише нов договор со клубот.

Доколку Меси не го продолжи договорот со Барселона, во јуни Аргентинецот ќе стане слободен играч и ќе може да си замине без никаква оштета.

Првото барање на Меси е Лапорта во Барселона да донесе една голема суперѕвезда во нападот. Прва опција е Серхио Агуеро кој е одличен пријател со Меси и соиграч од репрезентацијата на Аргентина. Агуеро во јуни станува слободен играч и Барселона може да го доведе без да плати ниту едно евро оштета. Втора опција е доведување на Ерлинг Халанд кој вчера беше во посета на градот Барселона, заедно со својот агент, Мино Риаола.

Второто барање на Меси е темелот на екипата да биде базирана на младите сили, кои во последно време се покажаа како одличен потенцијал. Тука се мисли на Ансу Фати, Педри и Илах Мориба. Третото барање е Меси да има директен контакт со Лапорта и постојано да има увид во одлуките и политиката која ја води претседателот на Барселона.

Во барањата на Меси нема смена на тренерот Роналд Куман. Капитенот потенцирал дека има одлична соработка со стратегот. Барселона сезонава е во борба за титулата во Примера, но и за трофејот во Купот на Шпанија.

 

- Оглас -

Најнови вести