Аргентина ја освои Копа Америка и е нов јужноамерикански шампион откако Гаучосите со минимални 1-0 триумфираа во големот финале против ривалот Бразил и бранителот на титулата. Лионел Меси и дружината по пауза од речиси три децении ѝ донесоа огромна радост на својата земја со освојување на континенталниот пехар, кој е 15-ти за нив за израмнување со досегашните рекордери Уругвај.
Само еден, но за трофеј вреден гол го реши дуелот на „Маракана“ стадионот во Рио, а го постигна Анхел Ди Марија во 22-та минута. Родриго Де Паул со долга топка мајсторски го пронајде крилото на ПСЖ кој успеа да избега на бразилската одбрана и при тоа искусно да го лобува Едерсон.
Меси конечно по три загубени финалиња во 2007, 2015 и 2016 година успеа да освои трофеј со репрезентацијата на Копа Америка, а со четири погодоци беше избран за најдобар стрелец на шампионатот, како и најдобар играч на турнирот.