Меси се израмни со легендарниот Марадона, но еден друг Аргентинец е најефикасен на Светските првенства

Лионел Меси е херојот на Аргентина во вечерашната победа од 2:0 над Мексико со која Гаучосите останаа во игра за пласман во осминафиналето на Светсткото првенство во Катар.

Меси прво во 64-та минута го отвори резултатот и го разби бункерот на Мексиканците, а четири минути пред крајот на средбата, му асистираше на Енцо Фернандез да го постави конечниот резултат.

Меси стана најмладиот и најстариот фудбалер кој постигнал гол и имал асистенција на еден натпревар на Светско првенство од 1966 година.

Лео со 18 години и 357 дена во 2006 година против Србија имаше гол и асистенција, а вечерва истото го стори против Мексико со 35 години и 155 дена.

Меси со голот против Мексико, се израмни со легендарниот сонародник Диего Марадона, и двајцата имаат постигнато по осум гола на Мундијалите. Интересно е што и двајцата Аргентинци до бројката од осум гола дојдоа во точно 21 одигран натпревар. Легендарниот Ел Пибе е поуспешен од Меси по бројот на асистенции, Марадона има осум, а Лео седум.

Најефикасен Аргентинец на Светските првенства е Габриел Батистута 10 постигнати голови. Популарниот Батигол настапи на три Мундијали, во 1994 година постигна четири гола на четири меча, во 1998 година даде пет гола на пет натпревари, а во 2002 година само еднаш ја затресе мрежата.

- Оглас -

Најнови вести