Меси за Бартомеу: Многупати ме изневери…

Интервјуто на Лионел Меси за „Ла Секста“ привлече многу внимание, а меѓу прашањата на кои Аргентинецот одговараше беше и врската со поранешниот претседател на Барселона, Жозеп Марија Бартомеу.

Како што е познато, Меси сакаше да си замине од „Камп ноу“ изминатото лето, но поради почит кон клубот и навивачите, остана да ја отслужи последната година од договорот. Главната причина што Меси сакаше да ја напушти Барселона беше токму Бартомеу, а откако претседателоското столче остана празно, Меси не го смени ставот.

„Повторно би испратил бирофакс бидејќи тоа е официјално барање за заминување. Цели шест месеци му кажував на клубот дека сакам да си заминам, побарав од Бартомеу да ми помогне да си ја остварам желбата. Но, тој никогаш ништо не направи, само ми кажа да се соземам и да го известам клубот по службен пат дека сакам да заминам оттука. Низ годините Бартомеу ме изневери многупати, едноставно врската не се подобри. Да останев цврст при мојата одлука, знаев дека можам да го добијам случајот по правен пат, неколку адвокати ми потврдија дека сум во право што сакам преку суд да си ја барам правдата“, посочи капитенот на Барселона.

Меси од јануари ќе може да преговара со други клубови, но се чини дека ќе почека до крајот на сезоната за да се одлучи каде ќе ја продолжи кариерата. Секако дека фактор во одлуката дали ќе остане на „Камп ноу“ ќе биде целокупниот учинок на екипата во актуелната сезона, но и изборот за нов претседател на спортскиот колектив.

- Оглас -

Најнови вести